Кипарска фирма стана мнозински акционер, купувајќи 16,44 отсто од акциите во „Топлификација“. Која е компанијата што влезе во еден во нашите најголеми монополи, вчера никој официјално не сакаше да открие, а во брокерските кругови неофицијално се шпекулира дека станува збор за фирма блиска до „Те-то“, во која „Топлификација“, пак, е втор по големина газда, а главен инвеститор во гасната централа е руската „Синтез груп“. Инаку, вчера на Македонската берза извршители продадоа 16,44 отсто од акциите на „Топлификација“. Тие ги продадоа акциите на пропаднатиот словенечкиот брокерскиот фонд „Потеза“, кој беше единствен мнозински акционер во оваа компанија, со над 5 отсто акции во „Топлификација“, односно имаше 16,44 отсто. Кипарската фирма за овие акции вчера плати 3,7 милиони евра.
Кипарска фирма стана мнозински акционер, купувајќи 16,44 отсто од акциите во „Топлификација“.
Која е компанијата што влезе во еден во нашите најголеми монополи, вчера никој официјално не сакаше да открие, а во брокерските кругови неофицијално се шпекулира дека станува збор за фирма блиска до „Те-то“, во која „Топлификација“, пак, е втор по големина газда, а главен инвеститор во гасната централа е руската „Синтез груп“.
Инаку, вчера на Македонската берза извршители продадоа 16,44 отсто од акциите на „Топлификација“. Тие ги продадоа акциите на пропаднатиот словенечкиот брокерскиот фонд „Потеза“, кој беше единствен мнозински акционер во оваа компанија, со над 5 отсто акции во „Топлификација“, односно имаше 16,44 отсто. Кипарската фирма за овие акции вчера плати 3,7 милиони евра.
Станува збор за 74 илјади акции по цена од 3.079 денари, кои се продаваа по по пат на јавна берзанска аукција, по принципот „се' или ништо“.
Откако Македонската берза за хартии од вредност извести дека на 12 јуни ќе биде понуден пакет од 74.000 акции издадени од „Топлификација,“, во меѓувреме во јавноста беа пласирани повеќе шпекулации, што ја кренаа цената на акциите на оваа компанија. Пред објавата, цената на една акција на „Топлификација“ се тргуваше по 1.700 денари, а потоа имаше денови кога таа скокна и до 2.700 денари. Но, на вчерашното тргување, покрај оние кои беа понудени во пакетот, останатите достигнаа цена од 2.200 денари за една акција.
Дел од шпекулациите кои ја зголемија цената на акциите беше и информацијата дека нафтениот словенечки гигант „Петрол“ е потенцијалниот купец на пакетот акции, па дури и дека тие се заинтересирани подоцна да станат мнозински сопственик на македонската компанија, за што се подготвени за контролниот пакет да платат околу 14 милиони евра.
Но, наместо словенечки, излезе дека нов газда на дел од акциите во „Топлификација“ е кипарска компанија. Колку новиот мнозински акционер ќе има влијание во одлуките на „Топлификација“, останува да видиме, но факт е дека граѓаните постојано се жалат на услугите од оваа компанија, а најголемиот револт го создава зголемувањето на цената на парното греење. За една година парното поскапе за над 20 проценти. Иако на почетокот од годинава имаше и неколку иницијативи за да се изврши притисок врз компанијата за намалување на цената, ништо од тоа не се реализира, а граѓаните и натаму плаќаат високи цени. Една од главните енигми, околу која постојано се дебатира, е кои се ситните акционери во „Топлификација“. Но со оглед на тоа што според нашите закони јавно се објавуваат само оние што поседуваат над 5 отсто од акциите во една компанија, тие и натаму остануваат непознати за јавноста.
Продажбата на акциите во „Топлификација“ вчера го зголеми прометот на Македонската берза. Беше остварен вкупен промет од 4 милиони евра, а најголемиот дел беа остварени преку јавна берзанска аукција. Сепак и покрај релативно добриот промет, главниот берзански индекс МБИ 10 заврши во минус од 0,04 отсто, на 1.937,87 индексни поени.